Собранието едногласно го ратификува протоколот за НАТО

Собрание на Република Северна Македонија

Со 114 гласа за, ниту еден против и ниту еден воздржан Собранието го донесе Законот за ратификација на членството на Северна Македонија во НАТО.

По изгласувањето на пратениците им се обрати вршителот на должноста претседателот на Парламентарното собрание на НАТО Атила Местерхази, а по завршувањето на седницата предвидено е пред зградата на Собранието да биде подигнато знамето на НАТО.

Претходно зборуваа премиерот Оливер Спасовски, претседателот на државата Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери и претставници на парламентарните партии.

Инаку, собранието го ратификува протоколот без тој да биде ратификуван во сите земји членки на Алијансата како што е неопходно за полноправно членство. До ова дојде поради одложувањето на ратификацијата во Шпанија заради нејзината домашна политичка криза. Според последните информации кои ги презентираа македонските власти Шпанија во март би требало да го ратификува протоколот, но тогаш македонското собрание ќе биде распуштено поради договорените избори за 12 април. Од тие причини протоколот во македонското собрание се ратификуваше со одложено дејство и ќе стапи во сила по ратификацијата и во шпанското собрание.