Пендаровски: компромисите не беа лесни, но не донесоа до НАТО

Собрание на Република Северна Македонија

Претседателот Стево Пендаровски на денешната седница на Собранието на која ќе се ратификува протоколот за членство во НАТО рече дека новата политика кон соседите и цврстата заложба за решавање на споровите и градење на добрососедски односи се темелот на нашиот успех во остварувањето на стратешките цели.

“Компромисите коишто ги направивме не беа ниту едноставни, ниту лесни. Но, договорот за решавањето на спорот со името и стратешко партнерство со соседна Грција, познат како Преспанскиот договор и договорот за добрососедство и соработка со Бугарија, се клучните одлуки коишто не донесоа до целта во однос на членството во НАТО. Нивното доследно спроведување е единствениот пат кон зајакнувањето на нашето стратешко партнерство, сега, како држави сојузнички во НАТО, но и во останатите субјекти во пошироката меѓународна заедница“, рече Пендаровски.

Покрај него на седницата зборуваат и претседателот на Парламентот Талат Џафери, техничкиот премиер Оливер Спасовски, координаторите на пратеничките групи.По гласањето пред пратениците и присутните ќе се обрати и вршителот на должноста претседателот на Парламентарното собрание на НАТО Атила Местерхази.

На седницата присуствуваа државно- владиниот врв, поранешни функционери, претставници на правосудните власти, претседателите на партиите, амбасадори и други. По нејзиното завршување пред Собранието е предвидено да биде поставено знамето на НАТО.

Инаку, собранието го ратификува протоколот без тој да биде ратификуван во сите земји членки на Алијансата како што е неопходно за полноправно членство. До ова дојде поради одложувањето на ратификацијата во Шпанија заради нејзината домашна политичка криза. Според последните информации кои ги презентираа македонските власти Шпанија во март би требало да го ратификува протоколот, но тогаш македонското собрание ќе биде распуштено поради договорените избори за 12 април. Од тие причини протоколот во македонското собрание се ратификуваше со одложено дејство и ќе стапи во сила по ратификацијата и во шпанското собрание.