Генералниот директор на Светската здравствена организација денеска предупреди дека новиот коронавирус може да биде многу сериозна закана за светот.
„Со 99 отсто случаи во Кина вирусот и натаму предизвикува итна ситуација во таа земја, но може да биде и сериозна закана за остатокот од светот“ , рече шефот на Светската здравствена организација Тедрос Аданом Габриезус на денешното отворање на конференцијата посветена на справување со епидемијата.
Околу 400 научници два дена во Женева ќе бараат одговор како вирусот се пренесува и дали е можно пронаоѓање на вакцина. Вирусот првпат беше детектиран во Кина на 31 декември. Досега од него починаа повеќе од 1000 лица, а заболени се регистрирани во 25 земји.