Владата ги повлече законите за ЈО и за Совет на јавни обвинители што синоќа ги достави до Собрaнието, но потоа повторно доставила два нови закони кои влегоа во собраниска процедура. Ова вечерва го соопшти претседателот на Собранието Талат Џафери и ја затвори 134-та седница. Тој за вечерва најави нова седница на чиј дневен ред ќе биде новиот предлог-закон за јавно обвинителство.
Од СДСМ соопштија дека законот со својата конечна верзија е веќе во собраниска процедура и оти очекуваат да започне собраниската седница.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски вечерва изјави дека владејачкото мнозинство се обидува да го забрза донесувањето на овој закон за два дена и токму затоа како што рече ни се случува ова „правно лудило“.
Од Министерството за правда и од Владата информираат дека законот бил повлечен заради техничко усогласување во две одредби.
Предлог-законот влезе во собраниска процедура откако вчера власта доби мнозинство од 80 пратеници, што е потребно за изгласување на Законот за Јавно обвинителство.