Гренел за РСЕ: За укинување на таксите, без реципроцитет

Ричард Гренел

Специјалниот претставник на претседателот на САД за преговорите меѓу Косово и Србија Ричард Гренел не ја поддржува идејата на косовскиот премиер Албин Курти за воведување реципрочни мерки за Србија.

Неговиот портпарол Дик Кастин, за Радио Слободна Европа изјави дека амбасадорот Гренел го охрабрува Косово да ги укине таксите без реципроцитет.

„Косово треба да го укине данокот на стоки од Србија без спроведување на реципроцитет. Значи, без реципрочни мерки. Не само да ја суспендира таксата, туку да ја укине целосно“, додаде Кастин.

Уште на почетокот од февруари, пред да биде избран Курти за премиер, Гренел, исто така, побара укинување на данокот од 100 проценти за стоки од Србија и Босна и Херцеговина, воведен пред шеснаесет месеци, како одговор на потезите на Србија да го спречи приемот на Косово во меѓународните институции.

Тоа, додаде Гренел, треба да се случи во исто време кога српската кампања за повлекување на признавањето на независноста на Косово ќе прекине.

Укинувањето на сто процентната такса е исто така услов на ЕУ и САД со цел да се овозможи продолжување на дијалогот за нормализирање на односите со Србија. Србија одби да се врати на преговарачката маса во Брисел, бидејќи данокот е се уште во сила.