Мицкоски: Заев со законот за ЈО спроведува амнестија

Архивска фотографија- Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска на прес конференција во партиското седиште рече дека владата со сила турка противуставен закон за Јавно обвинителство. Тој тврди дека претседателот на СДСМ Зоран Заев со законот за ЈО спроведува операција за амнестија на себе, своите блиски и како што ги нарече неговите послушници.

Мицкоски имаше забелешка за членот во законот со кој се предвидува таканаречените бомби да бидат докази само во случаите отворени до 30 јуни 2017 година, а за тие подоцна да бидат само индиции. Втората забелешка на Мицкоски кој се повика на кажувањата на пратеникот од ДУИ Артан Груби е поврзана со изборот на јавен обвинител со бадентерово мнозинство, што рече дека е неуставно.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека пратениците од неговата партија ќе гласаат против, но дека ќе присуствуваат на собраниската седница. Тој смета дека законот треба да се донесе веднаш по изборите, а да го подготват експерти. Собраниската седница на која законот за ЈО е на дневен ред е закажана за денеска во 17 часот.