Тројцата Македонци на бродот во Јокохама се во добра здравствена состојба

Јокохама- медицински лица влегуваат во бродот во кој има заболени од коронавирус

Од Министерството за надворешни работи денеска информираа дека преку амбасадата во Токио оствариле директна комуникација со тројцата македонски државјани кои се наоѓаат на бродот вкотвен во Јокохама, Јапонија. Тој е вкотвен во пристаништето поради тоа што во него има заболени од коронавирус.

„Станува збор за двајца мажи и една жена, членови на екипажот и се наоѓаат во добра здравствена состојба“, наведуваат од МНР.

Во меѓувреме, како што информираа јапонските здравствени власти, бројот на заболени на бродот расте. Тие потврдија дека има нови 65 луѓе заболени од коронавирусот со што бројката се искачи на 135 лица. Од ново заболените 45 се Јапонци и 11 Американци. Инаку во патничкиот брод има околу 3700 луѓе. Тој во Јапонија пристигна пред една недела и од тогаш е вкотвен во Јокохама.