Попладне собраниска седница за законот за ЈО

Архивска фотографија- собраниска седница

Собраниска седница за Предлог-законот за јавно обвинителство ќе се одржи денеска во 17 часот, по завршување на проверката на законот и консултации во пратеничките групи. Ова било договорено на денешната координација со претседателот на Собранието Талат Џафери. На денешната седница ќе се утврди потребата за донесување на овој закон. Информациите од Собранието се дека законот за јавно обвинителство би можело да биде причина за неколкудневно пролонгирање на распуштањето на Парламентот, но не и на изборите најавени за 12 април. Официјално никој не знае дали и кога ќе се распушти законодавниот дом.

Владата, претходно денеска, соопшти дека на синоќешната седница го утврдила Предлог-законот за јавно обвинителство. Тој, како што беше кажано, ќе се донесе со поддршка на осумтемина пратеници од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески денеска изјави дека парламентарното мнозинство е уверено дека е постигната доволно добра основа законот да добие поддршка од најмалку 80 пратенички гласови. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека власта на шеверцерски и криминален начин ја силува парламентарна демократија во Македонија наметнувајќи законски решенија кои се спротивни на интересите на македонските граѓани.

Поддршка за законот најавија и од ДУИ ако е истиот што го усогласиле синоќа со коалиционите партнери, а од Алијансата за Албанците рекоа дека не можат да го поддржат законот бидејќи пристигнатата верзија во парламентот се разликува од онаа што тие ја договориле во преговорите со Министерството за правда. Пратеникот на Беса Фадил Зендели, пак, изјави дека и тие нема да гласаат за законот и оти не биле консултирани за последната верзија на предлог-законот што утрово пристигна во Парламентот.