Поради здравствени проблеми на Боки 13 одложено рочиштето за „Рекет“

Архивска фотографија- Oбвинитиот Бојан Јовановски и адвокатот Сашко Дукоски на судењето за случајот Рекет.

Поради лоша здравствена состојба на обвинетиот Бојан Јовановски – Боки 13, судскиот предмет „Рекет” денеска се одложи. Следното рочиште е закажано за утре. Судијката Васка Николовска-Масевска образложувајќи ја одлуката за одложување на ова рочиште, истакна дека од КПУ Затвор Скопје, го известиле Судот дека обвинетиот Јовановски, имал здравствени проблеми и поради тоа не може да го следи денешното рочиште. Минатото рочиште тој рече дека му е дијагностициран рак на желудник.

Судскиот процес за „Рекет“ се наоѓа во доказна постапка и треба да продолжи со презентирање докази. На претходното рочиште меѓудругото беа презентирани и извештаи од вештачењето од мобилните телефони на Јовановски за комуникација на Ватсап меѓу Боки-13 и обвинетата поранешна специјална јавна обвинителка Катица Јанева и негови допишувања со Камчев и со пратеничката од СДСМ и потпретседателка на Собранието Фросина Ременски.

Инаку Камчев, кој е сведок во случајот „Рекет“ е осомничен во случајот „Империја“ кој го отвори Специјалното јавно обвинителство. Според обвинението поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, прво осомничениот Јовановски и Зоран Милевски се здружиле за да му земаат пари на Камчев во замена за олеснителни околности во предметот кој тогашното СЈО го водеше за него. Милевски на првото рочиште ја прифати вината и доби три години затворска казна.