Заев: Независната пратеничка група ќе гласа „за“ законот за ЈО

Лидерот на СДСМ и поранешниот премиер Зоран Заев најави дека е постигната, како што вели, доволно добра основа за да почне процедурата за носење Закон за јавно обвинителство. Тој на својот фејсбук профил напиша дека очекува вечерва Владата да заседава и да го усвои предлог-текстот на Законот за кој е постигната широка
политичка согласност.

Тој наведе дека низ разговорите, кон содржината на Предлог-законот биле вградени и голем дел од предлозите на ВМРО-ДПМНЕ, а за кои, како што вели, „се застапуваше и се избори Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија,“ со што е изнајдено решение со кое ќе се обезбеди функционирањето на принципот на владеењето на правото согласно европските вредности и со што се создаваат услови да се овозможи фер и еднаквост на страните во постапките, а со крајна цел да се овозможи правда.

„После усвојувањето од страна на Владата, Законот треба да оди во Собранието на Република Северна Македонија, каде по скратена постапка, се надевам дека ќе добие поддршка од најмалку 2/3 од пратениците. Законот гарантира дека сите судски процеси кои произлегуваат од СЈО ќе добијат своја правна разрешница пред надлежните судови, низ професионална и фер постапка, базирана на докази,“ напиша вечерва на Фејсбук Заев.

Заев истакна дека усвојувањето на овој закон ќе биде голем придонес кон европската интеграција и аргумент плус за Европската Унија да донесе позитивни одлуки поврзани со почетокот на преговорите.