МВР распиша меѓународни потерници за Красниќи и Рамадани

Скопје- Министерството за внатрешни работи распиша меѓународни потерници за Агим Красниќи и Сехат Рамадани, 07.02.2020

Министерството за внатрешни работи на својата интернет страница објави меѓународни потерници за Агим Красниќи и Сехат Рамадани, двајцата за кои вчера се обелодени дека не се вратиле на отслужување на казната во затворот во Штип. Красниќи и Рамадани не се пријавиле во затворот по викенд отсуството, кое како што информираше директорот на затворот Мики Тодоров, го користеле како право од септември 2017 година.

Красниќи и Рамадани се дел од познатата „Кондовска група“ на кои им е судено за сторени кривични дела „злосторничко здружување“, „киднапирање“ и „рекет“. Двјацата добија казна затвор од по 15 години и досега отслужија вкупно 12 години. За доизвршување на казната затвор им остануваат уште три години и три месеци.