Шилегов со критика до надлежните институции за медицинскиот отпад

Скопје- градоначалникот Петре Шилегов и главниот инспектор на Град Скопје Мирослав Богдановски на прес конференција за состојбата со медицинскиот отпад.

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов денеска упати критики кон Јавното обвинителство и Државниот инспекторат за животна средина дека не преземаат мерки за случајот со злоупотреба во менаџирањето со медицинскиот отпад од страна на фирмата „Еко-клуб“ од Битола. Според него, однесувањето на двете институции е неприфатливо, бидејќи педесет дена молчат.

„И сега Градот треба да излезе виновен за тоа што пријавил? Да сум им јас претпоставен, ниту обвинителката ќе беше денеска обвинителка, ниту инспекторот ќе беше денеска инспектор“,порача Шилегов.

Шилегов објави нов скандал со медицинскиот отпад

Од 13 декември кога го пријавиле случајот, до крајот на јануари, тој истакна дека немаат допирна точка со предметот.

„Ниту сме информирани, ниту сме известени, ниту знаеме дали воопшто и на кој начин се постапува од страна на обвинителството по пријавава. Имајќи го предвид сето ова, носам одлука и како градоначалник се обраќам до ЈО со допис при што го приложувам и ЦД-то на кое се наоѓаат снимките. Повторно нема никаква реакција од ЈО. Ниту од Државниот инспекторат за животна средина, вели градоначалникот.

Вонреден инспекциски надзор во „Еко клуб“ Битола, по обвинувањата на Шилегов

Шилегов наведе дека има три фирми што носат медицински отпад во „Дрисла“ и оти од 20 јануари тие ги запазуваат протоколите и оти верува во најавите на министерот за животна средина дека ќе се преиспитаат нивните лиценци.