И Сехад Рамадани од „Кондовската група“ на Красниќи не се вратил во затвор

Агим Красниќи и Сехад Рамадани од вчера се и официјално бегалци. Директорот на затвор Штип Мики Тодоров за МИА попладнево вели дека Красниќи и Рамадани во понеделникот не се јавиле во затворот во Штип по викенд отсуството, а согласно Законот по поминати 48 часа ги известиле Управата за извршување на санкции, судот и полицијата.

„Двете лица од септември 2017 година користат редовно викенд отсуство, годишен одмор и имаат слободни 7 часа прошетка низ градот. Досега редовно се имаат враќано и немавме никакви индиции, односно немавме никакви сомневања дека по ова викенд отсуство нема да се вратат“, вели Тодоров.

Красниќи и Рамадани се дел од познатата „Кондовска група“ на кои им е судено за сторени кривични дела „злосторничко здружување“, „киднапирање“ и „рекет“. Красниќи и Рамадани имале казна затвор од по 15 години, а досега и двајцата имаат отслужено вкупно 12 години, а за доизвршување на казната затвор им остануваат уште три години.