Што предвидува новата методологија на ЕУ

Еврокомесар за проширување Оливер Вархеји на денешната прес конференција во Брисел

"Колегиумот на комесари на ЕУ денеска усвои нова методологија за процесот на пристапување во ЕУ, чија цел е враќање на веродостојноста на членството на Западен Балкан", изјави еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.

На денешната прес конференција во Брисел на која беше објавена новата методологија за пристапните преговори, Вархеји рече дека земјите членки на ЕУ треба да одобрат нова методологија пред Самитот ЕУ-Западен Балкан во Загреб во мај, паралелно со започнувањето на преговорите со Северна Македонија и Албанија.

Вархеји кажа дека ревидираната методологија за пристапни преговори со ЕУ како „прв елемент на новата стратегија претставена од новата Европската комисија“ се заснова на четири основни принципи, а тие се кредибилност, посилно политичко лидерство, динамичност и предвидливост.

„Овие се принципите со кои сакаме да обезбедиме дека процесот е поверодостоен, динамичен и повеќе политички управуван“, рече Вархеји.

Наместо одделни поглавја, со новата методологија ќе се преговараат тематски кластери.

Еврокомесарот објасни дека земјите кандидати треба да ги исполнат сите првични одредници во поглавјата опфатени во истата група за да отворат тематски кластер. Сепак, клучен услов за напредок во кој било кластер е владеењето на правото, имено Поглавјата 23 и 24, кои ќе бидат отворени први.

Еврокомесарот рече дека не значи дека напредокот постигнат од страна на државите нема да биде награден, но дека мерките ќе бидат многу построги во случај земјите да не покажат напредок.

„Тоа може да биде суспендирање на финансирањето или повторно отворање на преговорите за веќе затворените поглавја. Или можеме да ги прекинеме преговорите во некои области, или можеме да ги прекинеме сите преговори, во зависност од случајот“, рече комесарот Вархеји..

По објавувањето на новата методологија вршителот на должноста албански министер за надворешни работи Гент Какај рече дека неговата земја „е подготвена да спроведе суштински реформи и радикална трансформација во согласност со принципите на новата методологија“.

Тирана „со нетрпение очекува да ги започне разговорите за пристап во рок од 2020 година“, напиша Чакај на објавата на Фејсбук.

Кабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон ги поздрави предложените нови правила како „важен прв чекор“ кон натамошно проширување.