Вонреден инспекциски надзор во „Еко клуб“ Битола, по обвинувањата на Шилегов

Инфографика - Медицински отпад во Дрисла

Министерството за животна средина и просторно планирање попладнево соопшти дека по информациите објавени од Инспекторатот на Град Скопје за несоодветно третирање на медицинскиот отпад побаран е вонреден инспекциски надзор во компанијата „Еко клуб“ од Битола.

За наодите од надзорот, како што се наведува во соопштението, јавноста ќе биде дополнително известена.

Последниот надзор на терен врз компанијата од страна на Државниот инспекторат за животна бил извршен на 12 декември 2019 година каде со Записник било констатирано дека компанијата работи согласно законските прописи и издадените дозволи. Државниот инспекторат во моментов е на вонреден увид на локацијата.

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов и главниот инспектор на Град Скопје, Мирослав Богдановски, денеска на прес конференција наведоа дека пред педесетина дена дошле до „сериозен доказен материјал“ за злоупотреба во менаџирањето на медицинскиот отпад во Скопје. Тие презентираа видеа и фотографии на кои, како што рекоа, се гледаат кучиња скитници како јадат човечки остатоци и крв што потоа истекувало во атмосферската канализација и се влева во реката Вардар. Одговорајќи на новинарски прашања тој рече дека отпадот во Скопје бил носен од Прилеп и Битола преку субјект регистриран во Битола.