Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција го обвини лидерот на СДСМ Зоран Заев дека сака власт само за да не се соочи со правдата, а Законот за јавно обвинителство, како што рече, го користи само за да избега од избори. Оваа реакција следува откако вчера Заев ја остави отворена можноста да не се распишат предвремените избори ако опозицијата го минира носењето на законот за ЈО.
ВМРО-ДПМНЕ не е против закон за јавно обвинителство, туку против партиски закон со кој ќе се заштити криминалот, рече денеска Мицкоски и излезе со предлог - законот да дојде од експертите и професорите од Правен факултет.
„Таков закон ВМРО-ДПМНЕ безрезервно и без двоумење ќе прифати“, рече Мицкоски.
Тој ги наброја и професорите кои според него треба да го подготват законот: Владо Камбовски, Гордана Сиљановска- Давкова, Гордан Калајџиев, Никола Тупанчевски,Татјана Каракамишева- Јовановска и Гордана Лажетиќ - Бужаровска.
Инаку по минатонеделната јавна расправа на која правосудната фела и експертите ги кажаа своите забелешки, продолжија средбите на министерката за правда Рената Дескоска со претставниците од сите парламентарни политички партии. Министерката побара од нив да достават амандмани штонекои пратенички групи го сторија, но ВМРО-ДПМНЕ рече дека забелешките на експертите треба да се внесат во законот и не достави амандмани.
Законот за јавно обвинителство стана актуелен повторно откако европските политичари рекоа дека би било добро да го донесе овој парламентарен состав кој треба да се распушти на 12 февруари за изборите да се одржат на 12 април како што беше договорено.