Кампања против дезинформациите за коронавирусот

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Дезинформациите за коронавирусот опасни како него

Светската здравствена организација соопшти дека работи деноноќно со гигантите на социјалните медиуми за борбата против дезинформациите околу смртоносниот коронавирус. Нивното ширење, како што е наведно, им нанесува големи штети, не само во борбата против инфекцијата, туку и во економската сфера.

„Не грижете се. Не е корона“.

Генералниот директор на Светската здравствена организација Тедрос Аданом Габриезус вака го започна обраќањето во Женева при што информираше за тоа дека оваа организација започнува кампања против дезинформациите што се шират за коронавирусот.

„Ние мора да се бориме против ширењето гласини и дезинформации. За таа цел, работевме со Гугл за да се осигураме луѓето што бараат информации за коронавирусот да ги видат информациите на СЗО на врвот на резултатите од пребарувањето“.

Тој притоа прецизира дека социјалните мрежи се приклучија кон оваа акција на Светската здравствена организација.

„Платформите за социјални медиуми, вклучувајќи ги Твитер, Фејсбук, Тенсент и Тикток, исто така презедоа чекори за ограничување на ширењето на дезинформациите“.

Светската организација ги повика сите земји да донесуваат одлуки засновани врз факти и соопшти оти е подготвена да им дава помош во врска со тоа какви мерки треба да преземаат со цел да се спречи ширењето на коронавирусот.

Епидемијата што во минатата недела ја прогласи Светската здравствена организација се верува дека се појавила во декември на пазарот за диви животни во кинески Вухан.

Кинските власти деновиве признаа дека имаат проблеми, особено со опрема и средства за третман на заболените во одговорот на смртоносниот коронавирус и оти бројот на починати во понеделникот бил 425 луѓе.

Во истовреме, пораснал и бројот на инфицираните и сега има над 20.000.

Дваесет и три земји досега пријавија околу 150 потврдени случаи на заразени со коронавирусот.

Вирусот предизвикува и негативни последици врз кинеската економија.

Има голем број на откажани или затворени зделки главно од страна на големите светски компании, како и откажувања на многу меѓународни летови од и кон Кина.