Амбасадорката на САД Брнс се сретна со независните пратеници на ВМРО-ДПМНЕ

Американската амбасадорка во Македонија, Кејт Брнс

Амбасадорката на САД во земјава Кејт Мари Брнс денеска се сретна со членови од групата од осумте независни пратеници на ВМРО-ДПМНЕ. Таа на Твитер соопшти дека имале продуктивна средба со пратениците за важноста на поддршката на континуираните реформи, вклучително и законот за Јавно обвинителство кој, како што наведува, „ги унапредува целите за владеење на правото, транспарентност, одговорност и добро владеење“, напиша Брнс на Твитер.

За донесувањето на Законот за јавното обвинитество подолго време има несогласувања меѓу власта и опозицијата. Законот е на дневен ред на 108. седница во Собранието, а за предлогот беа доставени десетици амандмани, од кои дел беа усогласени.

Минатата недела претседателот на Собранието Талат Џафери по брифинг со новинарите изјави дека има најави за нов предлог закон, но посочи дека Собранието не работи по најави, туку по конкретен предлог и дека јавноста ќе биде информирана докoлку добие конкретен предлог.

„Процедурално или може да се продолжи седницата 108. по таа точка или да се оди со нов текст на закон. Во редовна постапка не може да се стигнат процедурите за да се донесе нов текст на закон, во скратена постапка да, може. По претпоставка ако е усогласен текстот од сите политички партии тоа значи дека сите се согласни да обезбедат соодветно мнозинство кое што е потребно, т.е. двотретинско мнозинство, минимум 80 гласа „за“, рече Џафери.