СЗО повика на подготвеност за коронавирусот

Скенирањето на патници со термална камера на меѓународниот аеродром во Скопје, како дел од превентивните мерки против коронавирусот.

Светската здравствена организација ги повика владите ширум светот да се подготват за евентуална појава на коронавирус. Бројката на смртни случаи од вирусот во Кина изнесува 259 лица, а има 11.791 потврдени случаи. СЗО во изминатите денови прогласи глобална вонредна состојба поради коронавирусот и изрази загриженост дека некои случаи надвор од Кина може да вклучуваат пренесување на вирусот од човек на човек.

„Земјите треба да се подготват за можен увоз на вирусот со цел да ги идентификуваат случаите што е можно побрзо и да бидат подготвени за негова контрола, ако тоа се случи“, изјави претставникот на СЗО во Пекинг, Гауден Галеа.

Не паника, туку превенција од коронавирусот

САД вчера забранија влез на повеќето странци кои ја посетија Кина во последните две недели и воведоа други мерки за скрининг. Австралискиот премиер Скот Морисон од денеска најави слични мерки, по ваквите најави претходно од Јапонија, Италија, Монголија и Сингапур.

Кинеското Министерство за надворешни работи ја критикуваше американската забрана за патување како нељубезна. Најмалку 25 држави пријавиле случаи на инфекција со вирусот, главно, вклучувајќи лица кои се враќале од Кина или кои имале контакт со такви луѓе.