Брнс: граѓаните да размислат кога се зборува за ревизија на Договорот од Преспа

Архивска фотографија- Американската амбасадорка Кејт Брнс

Кога се зборува за ревидирање на Преспанскиот договор граѓаните треба да размислат и да ја знаат користа од Договорот, рече американската амбасадорка Кејт Мери Брнс. Преспанскиот договор не е само името, туку и креирање можности за луѓето од земјата и од регионот, а неговото значењее што препозна дека земјите мора да соработуваат и да прават тешки компромиси.

„Она што ме загрижува околу обидите да се доведат во заблуда луѓето за влијанието на Преспанскиот договор за тоа што значи за земјата е тоа што се ризикува да се изгуби трансформативната моќ на Преспа и користа од Договорот кој создава нови можности, ја проширува регионалната соработка, носи странски инвестиции и креира позитивна иднина, така што кога слушам како се зборува за поништување или ревизија на Преспанскиот договор граѓаните треба да размислат и да знаат за користа од Договорот“, рече амбасадорката Бернс на новинарско прашање по обраќањето на настанот со кој се најавува отворање на билатерални канцеларии за младинска соработка помеѓу нашата земја и Грција.

Запрашана кои се консеквенциите по земјата и нејзината евроатлантска интеграција ако се остварат овие најави за ревизија на Преспанскиот договор, Брнс рече дека тоа значи непрепознавање на придобивките што ги донесе Договорот.

„Резултатот од Преспа е дека испрати порака дека Северна Македонија е подготвена да има позитивна и конструктивна соработка со своите соседи и заедно со нив да работи на своите аспирации за членство во евроатлантските институции. Северна Македонија ќе се приклучи на НАТО како рамноправен сојузник и оти еден ден ќе стане членка на ЕУ и партнер на ЕУ. Тоа е важна порака, и консеквенциите кога се зборува дека не сакате да ги препознаете сите постигнувања на Преспанскиот договор кои значат напредок, праќаат многу поинаква порака. Зборуваме за иднината и треба да останеме фокусирани на иднината“, порача амбасадорката Бернс.

Претставниците на ВМРО-ДПМНЕ неколку пати најавуваат дека ќе се обидат да го ревидираат Преспанскиот договор ако освојат двотретинско мнозинство на парламентарни избори.

Неодамна потпретседателот на опозициската партија Владо Мисајловски рече дека тоа не значи оти Македонија нема да биде дел од НАТО или дека ќе има помалку странски инвестиции.