Кацарска згрозена од изјавата на Стефанова, се обрати до Судскиот совет

Архивска фотографија- Обвинителка Лиле Стефанова како сведок во предметот Рекет во Основниот Суд Скопје 1

Судијката во Основен суд Скопје 1 Добрила Кацарска денеска извести дека се обратила до Судскиот совет во врска со сведочењето на обвинителката Лиле Стефанова во случајот „Рекет“ во кое таа го спомена нејзиното име. Таа во писмото објаснува дека и досега имало напади кои„ стоечки, достоинствено“ ги трпела, но она што го кажала Стефанова било „кулминација“.

„Бев згрозена од ваквата изјава, односно од нејзиното сведочење со оглед да се работи за целосна невистина бидејќи во ниту еден момент не само што нејзе не сум и се јавила, а најмалку пак сум и вршела притисок, туку апсолутно неточно е дека сум и пуштила некој нејзин колега обвинител“, пишува Кацарска.

Во своето сведочење во случајот „Рекет“ обвинителката Стефанова која го води случајот „Империја“ во кој е осомничен бизнисменот Јордан Камчев, рече дека судијката Добрила Кацарска, преку колега вршела притисок да не се одреди мерката притвор на осомничениот Камчев.

Кацарска во денешното писмо вели дека фамилијата Камчеви се нивни фамилијарни пријатели, што го кажала и претходно, а дека тоа не требало да се злоупотребува.

„Имајќи во предвид дека на ваков начин се нарушува мојот углед и достоинство, а воедно се нанесува и штета на функцијата судија, барам од вас како надлежен орган да ги утврдите сите факти и да ги прибавите сите докази за утврдување на фактичката состојба со цел јавноста да ја дознае правата вистина“, наведува Кацарска.

Инаку осомничениот бизнисмен во „Империја“ е сведок во случајот „Рекет“. Според обвинението, Јанева, прво осомничениот Бојан Јовановски- Боки 13 и Зоран Милевски се здружиле за да му земаат пари на Камчев во замена за олеснителни околности во предметот кој тогашното СЈО го водеше за него. Милевски на првото рочиште ја прифати вината и доби три години затворска казна.