Претседателството на косовското Собрание одлучи денеска пленарната седница на која ќе се гласа за составот на новата Влада на Косово да се одржи в понеделник, на 3 февруари, јави дописникот на МИА од Приштина.
Собраниската седница е свикана на барање на мандатарот за состав на новата влада, лидерот на партијата победничка на октомвриските избори, Движењето Самоопределување (ВВ), Албин Курти. Собраниското претседателство ја закажа понеделничката седница за во 11 часот. Курти побара одржување на пленарна седница, на која ќе го предложи составот на неговиот кабинет и покрај тоа што се уште нема постигнато договор за коалиција со Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) и по три и пол месеци преговори од одржувањето на изборите.
Во Косово со месеци не можеше да се формира влада. На вонредните парламентарни избори на 6 октомври победи ВВ со освоени 26,27, додека ЛДК беше втор со 24,54 отсто од гласовите, така што во 120-членото Собрание партијата на Курти има 30, а онаа на Мустафа 28 пратеници.