Заев: Законот за ЈО ќе биде аргумент повеќе за ЕУ

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, очекува договор за законот за јавно обвинителство, затоа што, како што вели, на сите им еа јасно дека се работи за правно формално потребно решение за државата. Тој, како што рече, апелира, по одржаната јавна расправа во Собранието, во наредните три дена партиите да ги оформат сите предлози, тие во форма на амандмани да бидат вградени во законот и, како што вели, ако треба Владата во понеделник да го достави до Собранието и тој да биде изгласан до пред распуштање на Парламентот.

„Треба да го донесеме првин заради државата и нашиот народ, а секако би било добродојдено да дадеме алатка и аргументи плус на еврокомесарот и земјите членки на ЕУ при следното одлучување за нашата земја најавено за мај во Загреб, секако имајќи предвид дека изборите се на 12 април, Владата ќе се формира некаде во мај и убаво е да го донесеме. Во случај и да не го донесеме треба да го донесеме после изборите. Што ќе промениме? Дали ќе и помогнеме на државата или не. дајте сите да и помогнеме на државата“, рече денеска Заев.

Тој нагласи дека се работи за решение со европско знаменце, согласно со Националната европска стратегија, коешто може да биде усогласено до крај на работењето на овој парламентарен состав.

Утрешната средба на работната група за Законот за јавно обвинителство треба да даде одговор дали јавната дебатата за законот послужи да се надминат отворените прашања, кои беа „камен на сопнување“, меѓу власта и опозицијата. За в петок се најавува средба во поширок формат, односно присуство на претставници на сите пратенички групи. На минатата средба, ВМРО-ДПМНЕ побара присуство и на државниот обвинител Љубомир Јовески, по што претставниците на партијата ја напуштија средбата.