Владата и МНР им се извинија на Корејците нападнати во Скопје

Државниот секретар Зоран Попов со Корејците кои беа нападнати во Скопје

Во име на македонското МНР, државниот секретар Зоран Попов денеска ги прими и им се извини на претставниците на невладина организација од Република Кореjа кои вчера беа вербално нападнати во центарот на Скопје.

„Остро го осудуваме овој изолиран чин на говор на омраза, расизам, ксенофобија и нетолеранција, што се коси со темелните вредности на македонското општество и очекуваме надлежните органи да го откријат и соодветно санкционираат сторителот“, соопшти МНР.

Корејците кои вчера беа вербално нападнати во центарот на Скопје се членови на невладина организација „Heavenly Culture World Peace Restoration of Light“, која одржува работилници со ученици во повеќе градови во земјава. За инцидентот во јавноста се дозна откако корисник на социјалната мрежа Инстаграм објави видео снимка за да се пофали како им приоѓа на група Азијци во близина на Министерството за надворешни работи и им се обраќа со погрдни зборови, додека тие се обидуваат да го игнорираат. Снимката наиде на бројни осуди на социјалните мрежи. Она од што паметниот се срами, будалиот се гордее, се најголем дел од коментарите за снимката и по инцидентот.

Претходно, во име на владата денеска извинување за вербалниот напад упати и техничкиот премиер Оливер Спасовски.