Ако има мнозинство и усогласен закон за ЈО веднаш ќе биде ставен на собраниска седница

Архивска фотографија- претседателот на Собранието, Талат Џафери

Претседателот на Собранието, Талат Џафери денеска најави дека доколку до Парламентот биде доставен усогласен предлог-закон за јавно обвинителство и по содржина и со договорено мнозинство, тој веднаш ќе биде ставен на собраниска седница.

„Има таква деловничка можност“, изјави Џафери на средба со новинарите, додавајќи дека се зависи од волјата на парламентарниот состав.

Инаку во Собранието два дена траеше јавната расправа за предлог-законот за Јавното обвинителство на која дебатираа експерти и претставници на правосудната фела.

Министерката за правда Рената Дескоска најави дека нова средба на работната група за предлог – законот на која ќе присуствуваат претставници од сите пратенички групи ќе се одржи утре. Носењето на Законот за јавно обвинителство се актуализира последниве недели откако еврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување Оливер Вархеји рече дека добар сигнал за Европската Унија ќе биде и доколку законот за Јавно обвинителство биде донесен пред распуштањето на Собранието во февруари.

Во однос на Законот за одбрана, Џафери истакна дека тој не е предуслов за членството на земјата во НАТО, како што беше предуслов решавање на спорот за името со Грција „кое што го надминавме“ и врз база на што на крај е процедурата за ратификација на Протоколот за членството во НАТО, согласно правилата на функционирање на Алијансата.

Тој додава дека „е пожелно“ да се донесе Законот за одбрана, бидејќи според принципите на одлучување во НАТО, надлежностите би требало да се пренесат во Владата поради брзината во одлучување.

„Особено за одлуките кои се однесуваат на мисиите на НАТО за кои според приницпите, временскиот фактор е еден од најважните за спроведување на мисиите“, вели Џафери.

На 11 февруари Собранието ќе свика седница за ратификација на Протоколот за членството во НАТО, рече Џафери, на која ќе бидат поканети претседателите на парламентите на соседните земји членки на Алијансата: Бугарија, Грција, Албанија и на Црна Гора, Хрватска и Словенија, но исто така ќе бидат поканети и амбасадорите на земјите членки на НАТО во земјава, како и претставници од Парламентарното собраните на НАТО и сите носители на јавни функции во државата.