Министерството за животна средина соопшти дека денеска на граничниот премин „Богородица“ се сопрени 11 камиони со гориво од отпад, кои биле наменети за Цементарница „Усје“ и дека се прави анализа.
Цементарницата подолго време го користи горивото од отпад RDF (Refuse derived fuel) и за тоа има дозвола, според важечките закони.
„Државниот инспекторат за животна средина во координација со Министерството за животна средина и просторно планирање и Царинската управа, извршија вонреден инспекциски надзор на 11 камиони со отпад (RDF) од Италија, чија крајна дестинација е Цементарница УСЈЕ која поседува дозвола за користење на RDF отпад како алтернативно гориво. Камионите се запрени на влез на граничниот премин Богородица. Вкупна количество на отпадот е 261 тон“, се вели во соопштението на министерството.
По случаен избор од два камиона се земени мостри, а во другите камиони е извршен преглед. Земените мостри ќе бидат доставени во две лаборатории, Хемиската лабораторија на РЖ Техничка контрола, како и до Истражен центар за животна средина во Естонија.
Резултатите од анализите се очекуваат за околу десет дена, а дотогаш камионите со отпад ќе бидат складирани под соодветен надзор.