Бугарското обвинителство ги прекина сите контакти со претседателот Радев, води постапка против него

Архивска фотографија- претседателот на Бугарија Румен Радев

Бугарскиот јавен обвинител Иван Гешев изјави дека обвинителството ги прекинува сите контакти со претседателството на државата освен официјалната писмена коресподенција. Прекинот на контактите ќе трае се до одлуката на Уставниот суд, кој треба да даде задолжително толкување на одредбата од Уставот на Бугарија во врска со имунитетот на претседателот и потпретседателот.

Причина за таквото решение е потребата да се избегнат какви било сомнежи и обиди да се влијае врз институцијата, се наведува во соопштението на Обвинителството. Од таму вчера објавија дека утврдиле голема веројатност за вмешаност во криминални активности на шефот на државата Румен Радев.

„При извршената анализа пронајдени се податоци и докази „за висок степен на веројатност за вмешаност во кривична дејност, што е предмет на истрага, на лице кое врши висока државна должност – претседател на Република Бугарија, а идентификуваните евентуални кривични дела не се директно поврзани со извршувањето на неговата функција“, соопшти Обвинителството.

Од таму наведоа дека имале и материјални докази собрани преку употреба на специјални разузнавачки средства против командантот на Воено воздушните сили генерал мајор Цанко Стојков. Обвинителството објави и аудио снимки, а на дел од нив се слушаат гласовите на Радев и Стојков како разговараат за барањата на Антикорупциската комисија поврзани со вработувањето на сопругата на Радев во Воено воздушните сили. Бугарскиот претседател ги отфрли обвиненијата.