„Земјотрес 8“ - ритуал за јакнење на заедништвото

Дваесет и три бендови и артисти од неколку генерации, меѓу кои ЛАСТ ЕКСПЕДИШН, СЕТСТАТ, Сашко Костов, СВЕТЛОСТ... ја чинат програмата на осмото издание на фестивалот „Земјотрес“ што ќе се одржи оваа сабота на 1 февруари во МКЦ и чија заложба е промоција на современата и свежа македонска музика.

Замислен како фестивал со отворен концепт зад кој ќе стојат домашните независни издавачи и чија суштествена заложба е промоција на современата македонска алтернативна култура, згора како директна комуникација помеѓу генерациите, музичките стилови и различните интереси на нашите музичари, на Скопје по осми пат ќе му се случи „Земјотрес“. На истото место во Младински културен центар каде вообичаено на трите сцени овојпат се очекуваат 23 бендови и артисти чии имиња гарантираат сериозна забава за урбаната публика. И, кога сме веќе тука овојпат сржта на програмата ја чинат ЛАСТ ЕКСПЕДИШН, еден од најзначајните македонски рокенрол состави чија експлозија беше на почетокот од 1990-те и чие влијание се протега до ден денес кога несомнено е дека громогласно се враќаат на сцената, неуморните џез-панк-фанк-фри мисионери СЕТСТАТ чија истрајност единствено може само да фасцинира, феноменалниот Сашко Костов чиј актуелен албум „Крик и прашина“ прави лом на регионалните годишни топ листи, колективот СВЕТЛОСТ чие деби издание „Odron Ritual Orchestra“ стамено зачекори во светот на современата звуковност а штотуку објавениот „Jazz (to the working class)“ ги има сите предуслови да ја продолжи нагорната линија, се присутните двигатели ПИ ЕМ ЏИ КОЛЕКТИВ, енергичните КАЛЧР ДИВЕЛОПМЕНТ, ФЛУКС, Галатеа, ЗУЛУ 3.4, КОНСПИРАСИ, Роботек, ДАКТИЛИ, БАРУМ БАРУМ... и така со ред.

ЛАСТ ЕКСПЕДИШН

Земјотрес во Скопје удира токму во миговите кога луѓето ќе го изумат чувството за заедништво. Кога ќе снема минимален заеднички интерес, кога моралот не е во мода веќе. Фестивалот „Земјотрес“ е ритуал за јакнење на заедништвото на квалитетната македонска музичка сцена, со желба да покажеме релевантна содржина во време на инстант потрошувачка и вредности надвор од континуитет. Генерациите, музичките стилови, па и идеалите се менуваат, но алтернативната културна понуда е есенцијална за поттикнување на духот на новите, се побројни сограѓани со пософистицирани естетски потреби, ќе запишат организаторите во својот проглас до публиката во очи на ова осмо издание на манифестација која ако ништо друго редовно на пиедестал ја крева бунтовноста и немирливоста на оние на кои мислата им фрла многу подалеку. А, дефинитивно имаат и смелост да му дадат артикулација на својот крик.

Според Мирко Попов од ПИ-ЕМ-ЏИ, еден од идејните творци и организатори на „Земјотрес“, ова е еден од најубавите музички настани кои се случуваат кај нас во земјата каде основниот концепт е на виделина да биде изнесено она што се сработило во текот на изминатата година. Да настапат не само оние кои имале одредено издание, пред се* албум зад себе, но и оние кои посебно биле активни во текот на изминатиот период. Тој дополнува дека притоа уште од самите почетоци имале фантастична комуникација со публиката, пред се со младата публика што ним особено им значи бидејќи конечно тоа е онаа скриена намера да ги привлечат кон себе токму новите генерации.

СЕТСТАТ

Говорејќи, пак, за влијанието на „Земјотрес“ врз сцената, врз креирањето на нова, возбудлива и моќна современа македонска музика, врз идејата за свежа звуковност Попов вели дека идејата живее и се шири, но сепак во некои не толку широки граници токму поради срамниот третман на културата кај нас во Македонија.

- Оваа креативна Македонска сцена која навистина живее сама од себе, без никаква помош од никого и постои само заради тоа што верува во тоа дека треба да се прави нова и квалитетна македонска музика е со ограничен домет поради тоа што во нашето општество културата е нешто што не се цени. Не се „есапи“ како нешто сериозно. Јас не ја возвишувам културата како нешто доволно само за себе, таа е еволутивна алатка која треба да ја ползуваме и да ја користиме, но нашето општество не е стигнато до тој степен да го сфати тоа. Не барем оние кои реално го водат. Тие луѓе на врвот од власта не се стигнати до тој степен да разберат дека културата, особено онаа автохтона, свежа, вистинска, движечка култура на улиците е она што е битно во нашиот еволутивен развој. Нивната свест е со ограничен домет. Оние, кои пак тоа го разбираат се само неколкуте илјади луѓе. Исто така не располагаме со некаква музичка индустрија, некаков музички пазар каде што би можело сериозно да се пласира и да се вреднува тоа па од тој аспект да доживееме некој понатамошен развој. Така да малку делува дека сме можеби во некаков меур, но тој и не е така малечок. Ова е меур од сапуница и нештата се движат, се случуваат некои работи. Мислам дека нашата сцена е многу богата со изданија и со интересни бендови и музички правци повеќе од било кога и ако е тоа некој развој јас лично искрено сум задоволен, вели Мирко.

Од друга страна, прашан за условното „патување“ на Фестивалот во градовите по Македонија или во центрите од земјите во регионот, тој со појаснување дека „Земјотрес“ на два пати досега бил во Битола, но дека и толкави се можностите. Истакнува дека за тоа постојат повеќе причини и дека практично оние „поздрави“ на Скопје до Загреб, Љубљана, Сараево, Белград... во 1980-те и нешто потоа денес се речиси невозможни. Според него кога веќе е наметната споредбата тоа време од животот во некогашна Југославија е сепак „поромантично“ во однос кон самите идеали во реализирањето на тие нешта. Смета дека денес колку и да бидеме поврзани на еден или друг начин со било каква сцена на било кое место ќе има во игра многу други значајни фактори кои одлучуваат.

- Кога сме се поздравувале со тие градови сме живееле во иста држава. Имало пред се* политички интерес тоа да го правиме и да бидеме во некоја лесна комуникација. Денес ако немаме добар финансиски за целата таа работа ние многу тешко ќе можеме да излеземе. Реков „Земјотрес“ неколку пати излезе во Битола и тоа се, посебно за македонските градови, доста сложени операции. Колку и да одиме на ниво на дружење и на занемарување на финансиската добивка повторно се потребни големи средства кои реално тешко можат да се извадат чисто од продавање на карти. Речиси дури и да не постои таа самоодржливост и реално без некоја помош таа ретко може да се оствари. Тоа во ова време дури и тешко може да им се објасни на просечните организатори на вакви настани од Сараево или Белград...на пример. И посебно тоа дека за нив би било да проследат вакво нешто. Но, да не бидам конечен во ова, факт е дека не сум пробал да го направам и секогаш кога ќе го сториш тоа знаеш многу повеќе отколку да инсинуираш како јас сега. Во оваа ситуација.

Мирко Попов

Во продолжение Попов и со експликација дека „Земјотрес“ е ниско буџетен настан кој се финансира од билетите кои се продадени, а тоа се билети со најниска цена од било кога. Дека намерно го прават тоа оти им се битни младите и се трудат токму нив да ги донесат во МКЦ.

- Сите бендови настапуваат за некои смешни паушални хонорари и никој тука ништо посебно не заработува, така да финансиската конструкција за некое фестивалско издаваштво е исцрпена и немаме средства за понатаму. Тоа намерно го правиме.Не одиме да бараме пари од некој институции само за да го задржиме духот на независното издаваштво и воопшто независноста. Многу е тешко кога работите со дваесеттина бендови и артисти и кога во приказната би влегле некои пари тогаш запошнува некој погрешен муабет. На некој начин „Земјотрес“ е настан или движење со ограничен домет кое едноставно сака да ги регистрира најсвежите, најактуелните македонски изданија, бендови и музички појави тука треба да завршува приказната. Да не се шири затоа што имаме нешто чисто и навистина искрено. Еве да бидам реален, јас сум малку постар и поискусен и малку ми е страв да го менувам она што веќе го имаме. Има уште еден куп други фестивали и еден куп издавачки етикети ... па можеби нешто ново може да се изроди. Не сум сигурен, а можеби може да се размисли и малку посериозно во тој правец. Веќе се размислувало за винил, за грамофонска плоча, некаква компилација од Фестивалот, но финансиите ни се ограничени а тоа е така само за да ја задржиме чистотата на акцијата, констатира Мирко Попов.