САД нуди помош на Кина во борбата против коронавирусот

Американскиот секретар за здравство Алекс Азар

Американскиот секретар за здравство Алекс Азар ги повика кинеските власти да бидат потранспарентни и повеќе да соработуваат во борбата со смртоносниот коронавирус кој продолжува да се шири низ цела Кина, а заразени се и луѓе во други земји.

Азар денеска изјави дека САД нудат помош за Кина, откако од вирусот, кој потекна од регионот Вухан во Кина, починаа повеќе од 100 луѓе, а околу 4500 се заразени.

Според Светската здравствена организација околу 45 случаи се регистрирани и во други земји, но досега не се регистрирани смртни случаи надвор од Кина. Во другите земји, речиси во сите случаи станува збор за заразени кинески туристи или за луѓе кои го посетиле регионот Вухан во последните неколку недели.

Американскиот секретар за здравство на денешната прес конференција рече дека во САД се идентификувани пет случаи на заразени со коронавирусот.

Од американскиот национален Институт за здравство соопштија дека американските здравствени експерти се обидуваат да развијат вакцина против смртоносниот вирус.