ВМРО-ДПМНЕ со транспарент за Јовески, Мицкоски ќе ја чека јавната расправа за став за Законот за ЈО

Архивска фотографија- Собрание на Република Македонија

Пратеници од ВМРО-ДПМНЕ по започнувањето на денешната јавна расправа за предлог законот за јавно обвинителство на седница на собраниската Комисија за политички систем истакнаа транспарент на галеријата на кој пишува „Господине Јовески до кога ќе го криете писмото со кое притворената Катица ви даде незаконска наредба (чл.60, законот за ЈО)“.

Транспарентот беше истакнат за време на обраќањето на државниот јавен обвинител Љубомир Јовески на јавната расправа. На неа учествуваат професори, експерти, академици, претставници на правосудните органи.

Во меѓувреме претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од Прилеп посочи дека ќе излечеле сиже од јавната расправа.

„Да ја слушнеме јавната расправа, да видиме што ќе се зборува на таа расправа, да извлечеме едно сиже од тоа што е кажано. Ако тоа, како експертска јавност, биде преточено во текстот на законското решение, на Законот за јавното обвинителство, тогаш ние како ВМРО-ДПМНЕ сето тоа ќе го поддржиме и не гледам причина зошто не би било така. Но, ваков каков што е предлогот, ние како ВМРО-ДПМНЕ, овој старо-нов предлог ниту имаме намера, ниту пак ни паѓа напамет да го поддржиме, зашто не сакаме да поддржиме уште една амнестија и аболиција на политичари од минатото“, изјави Мицковски.

Инаку преку јавна расправа на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците предлог-законот за Јавно обвинителство денеска влезе во собраниска процедура.

Тимови од власта и опозицијата со месеци разговараат за носењето на законот, но до заедничко предлог решение не дојдоа. Носењето на Законот за јавно обвинителство се актуализира последниве недели откако еврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување Оливер Вархеји рече дека добар сигнал за Европската Унија ќе биде и доколку законот за Јавно обвинителство биде донесен пред распуштањето на Собранието во февруари.