Случај „Рекет“- заврши сведочењето на Рустеми

Архивска фотографија-рочиште за случајот „Рекет“

Јавниот обвинител Бурим Рустеми на денешното сведочење за случајот „Рекет” посочи дека поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева која му беше шефица, побарала од него како надлежен обвинител во случајот „Поштенска Банка” да не го „замрзне“ станот на осомничениот Томе Главчев. Во сведочењето Рустеми посочи дека Јанева навела дека тој стан во Скопје е веќе продаден на нејзина пријателка и дека со замрзнувањето би се нанело штета на купувачот.

„Така и сторив. Пред суд доставив предлог овој стан не се замрзне. Потоа разбрав дека станот е во сопственост на поранешниот член на Советот на јавни обвинители, Сашо Василевски. Инаку, пред истрагата и истрагата за случајот „Поштенска Банка”, ја реализирав сам, без никакви влијанија од Катица Јанева, во однос на тоа кој треба да се опфати, за кои кривични дела и како да се конципира предметот“, изјави обвинителот Рустеми.

Досега како сведоци исказ дадоа поранешните обвинителки од СЈО, Елизабета Јосифовска и Лиле Стефанова, бизнисменот Јордан Камчев, неговата сопруга Ана Камчева, сметководителката во приватните фирми на Камчеви, новинарот Христијан Баневски од телевизија 1ТВ и други.

Инаку Стефанова го водеше случајот „Империја“ во кој е осомничен бизнисменот Камчев, кој е сведок во случајот „Рекет“. Според обвинението, Јанева, прво осомничениот Бојан Јовановски- Боки 13 и Зоран Милевски се здружиле за да му земаат пари на Камчев во замена за олеснителни околности во предметот кој тогашното СЈО го водеше за него. Милевски на првото рочиште ја прифати вината и доби три години затворска казна.

Следното рочиште е закажано за утре, за кога е предвидено да сведочат четворица сведоци- водителката Лила Филиповска, шефицата на кабинет на Катица Јанева, Весна Костовска и Агапи Дика.