Преку јавна расправа на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците предлог-законот за Јавно обвинителство попладнево влегува во собраниска процедура. Темата на расправата е „Јавното обвинителство како ефикасен орган во борба против корупцијата“, а на неа според најавите, ќе учествуваат раководните луѓе во правосудниот систем и над 30 експерти.
СДСМ во соопштение наведе дека „ова е последен повик до деструктивната партија ВМРО ДПМНЕ да престане да ја држи земјата во заложништво, како што тоа го прави со Законот за Јавно обвинителство“. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, реагираа наведувајќи дека „Заев и СДСМ сакаат набрзина да донесат Закон кој ќе го амнестира нивниот криминал“.
Тимови од власта и опозицијата со месеци разговараат за носењето на законот, но до заедничко предлог решение не дојдоа.
Носењето на Законот за јавно обвинителство се актуализира последниве недели откако еврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување Оливер Вархеји рече дека добар сигнал за Европската Унија ќе биде и доколку законот за Јавно обвинителство биде донесен пред распуштањето на Собранието во февруари.