Надлежната обвинителка за предметот „Империја“ Лиле Стефанова, која сведочи денеска во предметот “Рекет”, рече дека обвинетата Катица Јанева, односно поранешната шефица на СЈО од неа и од обвинителот Бурим Рустеми барала да изготват решенија за случаите “Империја” и “Поштенска Банка”, за да се плати штета и да се затворат предметите.
„Со силен глас ми се обрати, ти Лиле да му ја вратиш патната исправа на Јордан Камчев. Така ние почнавме со Бурим да ги изготвиме извештаите за наведените предмети, но со затворски казни“, истакна Стефанова.
Почна рочиштето за „Рекет“, сведочи Стефанова
Во своето сведочење таа кажа дека не го познава обвинетиот Бојан Јовановски, но дека го има видено во просториите на СЈО. Стефанова посочи и дека судијката Добрила Кацарска, преку колега вршела притисок да не се одреди мерката притвор на осомничениот Камчев за предметот “Империја“ и додаде дека имало притисок и од политичари.
„Точно е дека судијата Добрила Кацарска, беше цел ден и ноќ во судот кога се одлучуваше за притворот на Камчев”, рече Стефанова, во прашање на одбраната на обвинетиот Бојан Јовановски.
Стефанова го водеше случајот „Империја“ во кој е осомничен бизнисменот Камчев, кој е сведок во случајот „Рекет“. Според обвинението, Јанева, прво осомничениот Бојан Јовановски- Боки 13 и Зоран Милевски се здружиле за да му земаат пари на Камчев во замена за олеснителни околности во предметот кој тогашното СЈО го водеше за него. Милевски на првото рочиште ја прифати вината и доби три години затворска казна.