Почна рочиштето за „Рекет“, сведочи Стефанова

Архивска фотографија- обвинителката Лиле Стефанова во суд како сведок за случајот „Рекет“.

Надлежната обвинителка за предметот „Империја“ Лиле Стефанова која денеска сведочи на рочиштето за случајот „Рекет“ рече дека осомничените во “Империја”, скоро секогаш успевале да дознаат што Специјалното јавно обвинителство презема против нив.

„При претресот во 6 часот утрото Јордан Камчев ги пречекал облечен во тренерки. Таму било и лицето Зоран Милевски – Кичеец. Слична ситуација истражителите кажале дека имало и во просториите на Орка Холдинг. Канцелариите биле средени и уредни. Таму ги пречекале Михајло и Филимена Маневска, рече Стефанова.

Таа додаде дека со обвинетата Катица Јанева, имала негодување при нејзиното барање да се прифатат поблаги мерки за Јордан Камчев, Сашо Мијалков и другите притворени лица во случајот “Империја”.

Инаку судењето за “Рекет” денеска продолжи по двеодложувања минатата недела поради болест на адвокатите на обвинетата поранешна специјална јавна обвинителка Јанева. Во судот денеска дојде едниот нејзин адвокат, Ирена Фрчкоска.

„Рекет“ одложен, адвокатите на Јанева не дојдоа

Стефанова го водеше случајот „Империја“ во кој беше осомничен бизнисменот Камчев, кој е сведок во случајот „Рекет“. Според обвинението, Јанева, прво осомничениот Бојан Јовановски- Боки 13 и Зоран Милевски се здружиле за да му земаат пари на Камчев во замена за олеснителни околности во предметот кој тогашното СЈО го водеше за него. Милевски на првото рочиште ја прифати вината и доби три години затворска казна.