Човекот кој по грешка го собори украинскиот патнички авион недалеку од Техеран, сега е во затвор, изјави денеска иранскиот министер за надворешни работи Мохамад Јавад Зариф. Тој го спореди овој случај со несреќата на иранскиот патнички авион, кој по грешка беше соборен од американските трупи во 1988 година.
„Вашингтон никогаш официјално не се извини за инцидентот, па дури и еден офицер вклучен во нападот беше почестен“, рече Зариф.
Украинскиот „Боинг 737“ се урна неколку минути по полетувањето од аеродромот во Техеран на 8 јануари, при што загинаа сите 176 патници и членови на екипажот. Меѓу загинатите беа државјани на Авганистан, Германија, Иран, Канада, Украина, Велика Британија и Шведска.
Иранската војска на 11 јануари призна дека случајно го соборила украинскиот патнички авион, мислејќи дека станува збор за непријателска ракета.
Американската војска собори ирански патнички авион А-300 на 3 јули 1988 година, мислејќи дека станува збор за воен авион. Во несреќата тогаш загинаа вкупно 290 патници и членовите на екипажот.