Претседателката на Европската комисија Урсула вод дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел денеска го потпишаа договорот за излегување на Обединетото кралство од Европската унија следната недела. Церемонијата на потпишување, која е претпоследен чекор во Брегзитот, се одржа без присуство на медиумите.
„Работите неизбежно се сменија, но нашето пријателство останува. Почнуваме ново поглавје како партнери и сојузници“ напиша Мишел на социјалната мрежа Твитер.
Тој објави и фотографии на кои се гледа дека на церемонијата присуствувал ипреговарачот на ЕУ за Брегзит Мишел Барниер.
Комисијата и советот ги одбија барањата на медиумите за пристап до потпишувањето на документот со кој за првпат една земја го напушта блокот.
“Шарл Мишел и јас само што го потпишавме договорот за повлекување на Обединетото кралство од ЕУ, со што се отвори патот за негова ратификација во Европскиот парламент“, напиша Вон дер Лајен на Твитер.
Европскиот парламент се очекува да го ратификува Брегзитот на 27 јануари со што ќе се отстрани и последната пречка за Британија да ја напушти Унијата на 31 јануари, повеќе од три и пол години по резултатите од референдумот за напуштање на блокот.
По 31 јануари, транзицискиот период ќе трае до 31 декември 2020 година, со што им се дава на двете страни време да преговараат за нивните идни односи. Текстот на договорот, во кој се опишуваат деталите за британското заминување, е на повеќе од 500 страници.