Пратениците на денешната седнива го усвоија Предлогот на Законот за изменување и дополнување на Законот за градење. Од вкупно 65 пратеници, „за“гласаа 48, 17 беа „против“, немаше ниту еден воздржан.
Според предлагачот Министерството за транспорт и врски, со измените и дополнувањата на Законот за градење се врши прецизирање на постапката и потребната документација за добивање на одобрение за градење и за употреба, како и усогласување со Законот за инспекцискиот надзор и Законот за прекршоците.
За пратениците од опозицијата, измените на законот се носат во интерес на некој моќник и ќе доведат до урабнистички хаос. Владејачкото мнозинство смета дека се дава можност да се легализира онаму каде што тоа е дозволиво согласно урбанистичките планови.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Димитар Стеванаџија смета дека со законот ќе се создаде урбанистички хаос и оти измените се носат во интерес на некој бизнисмен и дека министерот за транспорт и врски е притиснат да го брани овој закон, кој, како што рече, е ултра коруптивен.
Минисер за транспорт и врски Горан Сугарески му забележа на Стеванаџија дека на говорница изнел неточни тези и оти воопшто нема криминал .
Законот предидува да може да се издаде одобрение за градење и со 90 проценти оформена градежна парцела, со можност таа да се дооформи до пуштањето на употреба на објектот. Според измените, доколку парцелата не се доофрми, објектот нема да добие употребна дозвола, ниту имотен лист.