Претседателите на држави и влади од десетици земји пристигнаа во Ерусалим на одбележување на 75 годишнината од ослободувањето на затворениците во концентрациониот логор Аушвиц. Рускиот претседател Владимир Путин, францускиот претседател Емануел Макрон, британскиот принц Чарлс, американскиот потпретседател Мајк Пенс и претседателите на Германија, Италија и Австрија се меѓу 40-те државни претставници кои присуствуваат на Светскиот форум за холокаустот.
Полскиот претседател Анджеј Дуда не дојде на собирот незадоволен од тоа што на него не му било дозволено да се обрати, додека говори ќе одржеле претставниците на Русија, Франција, Британија, САД и Германија. Организаторите, пак, наведоа дека според планот ќе се обратат сојузниците во Втората светска војна и Германија. Полска, која силно реагираше минатиот месец на коментарите на Путин дека и тие имаат одговорност за војната, ќе одржи сопствена комеморативна церемонија на 27 јануари во меморијалниот центар Аушвиц.
Повеќе од еден милион луѓе, најголем дел од нив Евреи, се убиени во концентрациониот логор Аушвиц за време на нацистичката окупација на Полска, а шест милиони Евреи умреа во Холокаустот.