Министерката за правда Рената Дескоска вели дека не е завршен процесот околу забелешките на Венецијанската комисија за Законот за употреба на јазиците и оти најверојатно тоа ќе остане за по изборите.
Венецијанската комисија препорача да се преиспитаат одредби од Законот за употреба на јазиците преку консултации со сите засегнати страни. Правните експерти забележаа за неколку прашања меѓу кои и дека во одредени области новиот закон може да оди премногу далеку со наметнување на јавните институции на нереални правни обврски, особено во врска со употребата на албанскиот јазик во судска постапка.
СДСМ и ДУИ излегоа со различно толкување за препораките на Венецијанската комисија за Законот за јазиците. Според СДСМ тој можно е и да треба да се ревидира, а според ДУИ институциите треба да се приспособат за неговата примена. Законот за употреба на јазиците беше донесен во јануари минатата годинава. Собранието го гласаше по втор пат, откако претходната година претседателот Ѓорге Иванов одби да го потпише указот.