Пендаровски во Израел на средба со Ривлин

Израел- средба на македонскиот претседател Стево Пендаровски со неговиот израелски колега Реувен Ривлин

Задоволство од одличната соработка меѓу Северна Македонија и Израел на билатерален и мултилатерален план изразиле на денешната средба во Ерусалим претседателите на двете земји Стево Пендаровски и Реувен Ривлин. Притоа размениле информации и мислења за состојбите на Балканот и за блискоисточниот регион.

Пендаровски, како што соопшти неговиот кабинет, нагласил дека двете држави ја споделуваат трагедијата на Холокаустот во кој беа убиени илјадници Евреи од нашата држава, што претставува ненадоместлива загуба.

Претседателот ја посочил улогата на еврејската заедница во Република Северна Македонија, изразувајќи уверување дека таа и натаму ќе продолжи да го дава својот активен придонес за севкупниот развој на државата, како и во негувањето на добрите односи меѓу двете земји.

Пендаровски денеска и утре во Ерусалим, Израел учествува на лидерски форум по повод Меѓународниот ден за сеќавање на Холокаустот, 27 јануари и 75-годишнината од ослободувањето на нацистичкиот логор на смртта Аушвиц-Биркенау.