Претставниците на Независниот академски синдикат (НАкС) денеска на пресс конференција изразија револот од дописот на ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски, со кој на вработените во високото образование им било побарано да формираат синдикат кој ќе биде под директен надзор на генералниот секретар на ректорот.
Во дописот кој ректорите вчера го пратиле до деканите на јавните високо-образовни институции се бара формирање синдикат, кој би потпишал колективен договор за да се регулира покачувањето на платите во образованието во висина од 10 проценти.
Ова според Синдикатот е преседан бидејќи, никаде до сега не е евидентиран пример работодавачот, во случајов Ректоратот, да формира синдикат. Од таму посочуваат дека се урива идејата за синдикално здружување, а капак на сето тоа, како што велат, е покачување на платата од само 10 отсто.
"Ова е атак врз синдикалното здружување, газење на секој интелект. Ние знаеме дека тоа ќе се искористи од политичките партии" изјави професорката Мирјана Најчевска.
Пред три месеци Независниот синдикат предложи колективен договор до министерот за образование кој содржи разработени принципи за градење системски промени не само за платите, туку и заштита на сите вработени во високото образование.
Од друга страна, ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски објаснува дека зачленувањето во синдикатот е доброволно и додава дека во моментов, на сите јавни универзитети се формираат синдикати на ниво на работодавач, а потоа тие ќе се здружат во повисока форма на организирање – синдикат на јавни универзитети.