Во нерегулираниот увоз од 25 контејнери со отпад нема радиоактивен и токсичен отпад соопшти бугарското обвинителство кое отвори истрага против фирмата „Блацион ООД“ каде што во сопственичката структура се јавуваат македонските државјани Горан Ангелов кој е и актуелен директор во Дрисла и Блаже Игнатовски, кој во Дрисла се јавува како содружник. Неусогласеноста меѓу наведеното во документацијата за увоз и содржината на контејнерите е утврдена и истрагата продолжува се вели соопштението на бугарското обвинителство во Бургас.
Обвинителството во Буграс почна истрага за нерегулиран увоз на 25 контејнери со италијански отпад на пристаништето во Бургас. Отпадот е транспортиран со брод на 5 септември минатата година и му е определен режим на времено складирање во рок од 90 денови. Истрагата продолжува, се земаат примероци од сите контејнери, ќе биде побарана меѓународна потерница за истрагата, бидејќи контејнерите доаѓаат од Италија.
Со демант во врска со информациите за увоз на отпад од Италија во Бугарија излезе и фирмата „Блацион“.
„Друштвото „Блацион“ е посредник, а не производител на отпадот и за тоа поседува соодветна лиценца. Производителот на отпадот е тој кој е одговорен за квалитетот на отпадот и одговара за тоа како го декларирал. Категорично ги демантираме сите други шпекулации со кои се поврзува нашата компанија во врска со овој случај и натаму нема да толерираме дезинформации кои го уриваат реномето на нашата компанија и затоа ќе преземеме соодветни правни мерки“, се вели во демантот објавен од управителот на „Блацион“ Игнатов.