Францускиот амбасадор Кристиан Тимоние по средбата со лидерот на СДСМ Зоран Заев изрази уверување дека ЕУ ќе подготви нова методологија која ќе биде во интерес на земјите кандидатки за членство во Унијата, го поздрави напредокот на Северна Македонија додавајќи дека се уште има простор за напредок во реформите, а за тоа е потребно и носењето на Законот за јавно обвинителство, како и зајакнување на борбата против криминалот и високата корупција.
Заев пак, по средбата изјави дека пораките што овие денови стигнаа од претставници на Европската унија покажуваат дека Европската комисија има план и, тоа како што вели, го враќа оптимизмот.
„Се надеваме дека новата методологија ќе биде изготвена наскоро и ќе понуди фер пристап како за нас, така и за ЕУ. Од друга страна за нас како држава е добро да дадеме дополнителни аргументи пред ЕУ преку усвојување на Законот за јавно обвинителство. Важно е да покажеме демократски капацитет и Законот да влезе во Собранието и да биде усвоен. Законот за јавно обвинителство е важен за правосудството и за државата“ изјави Заев се вели во соопштението од СДСМ.
Во него е наведено дека на денешната средба било разговараноза македонската интеграција во ЕУ, спроведувањето на реформите, но и актуелната политичка ситуација и работата на преодната Влада задолжена за организирање на предвремените парламентарни избори во април.