Денешното судско рочиште за случајот „Рекет“ на кое требаше да сведочи обвинителката Лиле Стефанова, која ја води истрагата за случајот „Империја“ се одложи поради неприсуство на адвокатите на Катица Јанева. Едниот нејзин адвокат, Дељо Кадиев е хоспитализиран, а другиот, адвокатката Ирена Фрчкоска не доставила медицинска документација, туку само пријавила дека не може да присуствува од здравствени причини.
Рочиштето е одложено за в четврток за кога Стефанова се очекува да даде исказ. Таа го водеше случајот „Империја“ во кој е осомничен бизнисменот Јордан Камчев. Тој во случајот „Рекет“, пак, е сведок, а според обвинението поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, Бојан Јовановски и Зоран Милевски се здружиле за да му земат пари на бизнисменот за олеснителни околности во случајот „Империја“. Стефанова уште од почетокот на „Рекет“ се оградува од постапките на Јанева во „Империја“.