Македонците избегнуваат онлајн пазарување, но од интернет симнуваат филмови и музика

Македонците се највоздржани кога станува збор за нарачки и купување преку интернет, при што 19 проценти рекле дека избегнуваат онлајн пазарување поради страв од измами, но затоа само на четири отсто тоа им пречи кога преземаат софтвер, апликации, музика, видео, игри или други податоци од интернет, покажува истражувањето на Еуростат за употребата на информатичко-комуникациските технологии во домаќинствата и кај поединци во 2019 година.

Истражувањето покажало дека секој десетти жител на Македонија поради страв од злоупотреба на интернет не користи интернет-банкарство и јавна ви-фи мрежа и не открива лични информации на социјални или професионални мрежи. Во Германија секој петти жител не користи интернет-банкарство, а еден од тројца жители на Холандија се плаши да користи јавна ви-фи мрежа.

Според истражувањето, Македонците најмногу, или 68 проценти, го користат интернет за социјални мрежи, додека просекот во ЕУ е 57 отсто. Околу 65 отсто од испитаниците рекле дека интернетот го користат за телефонирање или видеоразговори, а 45 проценти за добивање здравствени информации. Најмалку 15 отсто рекле дека го користат интернетот за онлајн банкарство, додека тој просекот во ЕУ е 59 проценти. Најмногу електронско банкарство или над 90 проценти користат граѓаните на Норвешка, Данска, Холандија и на Финска.

Секој четврти граѓанин во ЕУ избегнува откривање лични податоци на социјалните мрежи поради безбедност, покажува истражувањето на Еуростат.Околу 44 проценти од граѓаните во ЕУ на возраст меѓу 16 и 74 години рекле дека ги ограничиле своите приватни активности на интернет во последните 12 месеци поради загриженост за безбедноста.

Генерално стравот од злоупотреби при користење на информатичко-комуникациските технологии е поголем кај западните земји, додека жителите од регионот и Источна Европа се порелаксирани во однос на опасноста на Интернет.

Франција, Холандија и Шпанија најзагрижени, Бугарија, Хрватска и Полска најрелаксирани на интернет.