Министерството за финансии работи на усогласување со стандардите на ЕУ за штетноста на хартијата на фискалните сметки, рече министерката за финансии Нина Ангеловска, откако Комората на сметководители побара да се забранат фискалните сметки поради присуство на штетни материи.
Ангеловска рече дека ќе ги погледнат сите услови, не само поради усогласување на стандардите со Европската унија, туку, како што рече, доколку е ова случајот, секако на прво место е здравјето на граѓаните и зачувувањето на животната средина.
Комората на сметководители при Сојузот на стопански комори бара од надлежните институции итно да расправаат за забраната за употреба на хемиската материја „бисфенол А“ или БПА која ја има во хартијата на која се печатат фискалните сметки.
„Оваа штетна хемикалија е утврдена како предизвикувач на сериозни здравствени проблеми како срцеви заболувања, дијабетис, неплодност, рак на дојка и простата, хормонски и ендокринолошки заболувања, а претставува и голем ризик за здравјето на децата“, велат од Комората.
Согласно истражувањата, концентрацијата на бисфенол А во фискалните сметки е до 40 пати поголема од дозволената и се движела од 0,62 до 0,91 отсто, а според стандардите дозволено е само 0,02 отсто, велат од ССК.