Иранскиот врховен лидер ајатолахот Али Хаменеи денеска повика на единство во земјата во која се случуваат жестоки протести поради уривањето на украинскиот патнички авион по грешка од страна на иранските воздухопловни сили.
Осумдесет годишниот Хаменеи, кој ја водеше петочната молитва во Техеран првпат по осум години, рече и дека западните земји се преслаби за да ги стават Иранците на колена. Тој го нарече уривањето на украинскиот авион „горчлива несреќа“ и ги обвини иранските непријатели дека ја користеле трагедијата против Исламската република, Исламската револуционерна гарда и вооружените сили.
Минатата недела веднаш по полетување од аеродромот во Техеран украинскиот патнички авион беше погоден по грешка од иранските воздухопловни сили при што загинаа сите 176 луѓе кои беа во него. Во првите денови по несреќата иранските власти не кажаа дека тие го урнале авионот по грешка, туку тоа го сторија на 11 јануари, по што и избувнаа протестите во земјата.