Во договорот со „САРХЕМС“ ги нема клучните прашања за парите

Медицински хеликоптер. Илустрација.

Владата и САРХЕМС се договорија за обврските ама за парите и условите под кои ќе функционира во пракса партнерството, се уште не се ставени на хартија. Според документот што го доби РСЕ, Владата е таа која што ќе треба да и овозможи на фирмата начин на исплата на надоместокот за дадените услуги.

Со хеликоптер до најблиската болница македонските граѓани ќе бидат пренесени кога итно ќе им биде потребна лекарска помош. Услугата ќе им биде бесплатна согласно договорот меѓу Владата и фирмата „САРХЕМС“. Но, проектот кој што предизвика низа реакции во јавноста, иако сега е запечатен црно на бело, повторно не ги дава одговорите кои од самиот почеток беа непознати.

Во договорот до кој дојде РСЕ преку слободен пристап до информации, изостануваат деталите како јавното-приватно партнерство ќе функционира во пракса. На „САРХЕМС“ осум години ќе и биде доверена грижата за обезбедување на медицинските услуги, а вредноста на договорот изнесува 9 милиони евра, без во него да бидат дефинирани за што се однесуваат.

Клучното прашање кое предизвика сомнежи од најавата на проектот, а кое се уште не е дефинирано е пред се како фирмата ќе заработува. На 19 страници испишан на македонски и на англиски јазик, договорот ги нуди само обврските кои треба да ги преземе Владата и фирмата, а не и како бесплатната хеликоптерска итна медицинска услуга ќе се реализира.

За моделот на наплата, односно како на „САРХЕМС“ ќе и се исплати инвестицијата нема ниту една реченица, само дека како додаток ќе биде прикачен за договорот, кога ќе бидат дефинирани условите.

Додатоците кои не се дел од договорот

Вложените пари „САРХЕМС“ како што најави на брифингот со новинарите, генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, ќе треба да си ги враќа преку наплата на услуги на странски државјани.

Но, хартијата трпи, па така во наредниот период договорот освен за моделот на наплата, дополнително ќе се збогатува со нови одредби кои треба да одговорат на седум прашања.

Видете и ова: Рашомонијада со медицинските хеликоптери

Освен моделот на наплата ќе се утврдува и начинот на исплаќање, моделот за изградба на локални капацитети, за ангажирање на ХЕМС (итен медицински систем) и САР (хеликоптерски услуги за пребарување и спасување), како и за модел за извршување на дополнителни услуги, локација, објект и инфраструктура, и фази на имплементација.

Она што е јасно е дека Владата на фирмата меѓу другото ќе треба да и обезбеди локација, правна помош и поддршка за градење на капацитетите, како и дозволи, сертификати и визи за работа и да обезбеди право на користење на воздушниот простор без надомест.

Она што е новина а кое изостана при брифингот со Рашковски со новинарите е дека всушност Владата ќе има одредени обврски во однос на начинот на исплаќање, а како тоа ќе се одвива не е утврдено.

Во членот 6 во договорот пишува дека треба да се донесат соодветни уредби и да се пропише регулатива со кои ќе се утврди и овозможи прибирањето на надоместокот од столбовите на финансирање, не подоцна од 6 месеци од потпишувањето на договорот. Јавниот партнер, односно Владата, согласно договорот, ќе врши уплата на прибираниот надоместок на сметка на приватниот партнер, односно фирмата.

Членот 6 од договорот за обврските на Владата

Во физибилити студијата на Владата за проектот е наведено дека најважно е што моделот се заснова на фактот дека владата не треба да буџетира дополнителни пари услугата, туку финансискиот модел на јавното-приватно партнерство произлегува од нови приходи создадени преку туризмот, фондовите на ЕУ и осигурителните компании.

Услугата, според студијата може да се актуелизира преку наплата на надоместоци и такси од патниците кои транзитираат на аеродромите во Скопје и Охрид, процент од наплата на патарини.

Освен бесплатни услуги за македонските граѓани, дел од обврските на САРХЕМС се да воспостави модерна организација, да ги одржува и да обезбеди пристап до објектите потребни за вршење на услугите, а за нивното користење ќе треба на владата на годишно ниво да и исплаќа концесија во износ од 10 илјади евра, како и да обезбеди менаџмент и да обучи локален персонал.

Градовите каде што всушност има услови за таков вид на медицински услуги кои во договорот се понудени како локации се болниците во Скопје, Тетово, Кичево, Битола, Охрид, Прилеп, Кавадарци, Штип, Струмица и Велес.

Фирмата „САРХЕМС“ беше формирана на 24 дена пред да го добие тендерот, но за Владата тоа не беше спорно, бидејќи зад неа како поддршка стои шведскиот хеликоптерски конзорциум СХЦ.