Вархеји: Имам добри вести, интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ продолжува

Архивска фотографија- еврокомесар за проширување Оливер Вархеји

Новиот еврокомесар за проширување Оливер Вархеји денеска во Скопје, на заедничката прес конференција со премиерот Оливер Спасовски, рече дека Северна Македонија и Албанија се подготвени да ги почнат преговорите.

„Имам добри вести, интеграцијата на Западен Балкан во Европската унија ќе продолжи. За новата комисија проширувањетоне е табу тема, туку приоритет“ , рече Вархеји кој е во прва во регионот и прва официјална посета надвор од Европската унија.

Тој додаде дека Северна Македонија веќе направила многу и го испорачала, како што го нарече, историскиот преспански договор. Тој ја пофали земјата за континуираните реформи, но нагласи дека треба да се даде приоритет на новиот закон за јавно обвинителство. Ако тоа се случи за време на овој парламентарен состав ќе биде многу добар знак за земјите-членки, рече еврокомесарот.

Премиерот Оливер Спасовски пак нагласи дека државата доживеала разочарување, но прифатиле дека стратегиската грешка на ЕУ ќе биде исправена и многу брзо ќе добиеме датум за преговори за зачленување. Тој рече дека се охрабрени од изјавите Вархеји и на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен која најави дека Европската комисија за неколку недели ќе излезе со новата методологија за проширување.