Најавени нови сведоци во случајот „Монструм”

Архивска фотографија- Судење за Монструм, обвинителите Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски

Судскиот процес за случајот „Монструм” продолжува на 3 февруари. На денешното рочиште за петкратното убиство кај Смилковско Езеро, обвинителите како дополнителни сведоци ги предложија лидерот на СДСМ Зоран Заев, свиркачот Звонко Костовски, Зоран Трајковски (лице кое го има во доказите на СЈО) и поранешниот директор на БЈБ, Љупчо Тодоровски – Радник. Семејствата на оштетените, пак, како сведок го предложија Синиша Алексовски, долгогодишен соработник за безбедност на поранешниот претседател Ѓорге Иванов.

Од друга страна, адвокатите на обвинетите во „Монструм” најавуваат до 50 нови сведоци за оваа постапка. Случајот „Монструм“ го води судијата Огнен Ставрев, а застапници на обвинението се Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.

За петкратното убиство на 12 април 2012 година во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Фејзи и Хаки Азири и Сами Љута. Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, а потоа случајот го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење. Кон крајот на минатата година предметот повторно го презеде Основното јавно обвинителство.